Дури 86% од Европејците се за одржливо користење на природните ресурси

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Иницијативите на европско ниво преземени во текот на минатата година за да се ограничи непосредното влијание на зголемувањето на цените на енергијата врз потрошувачите и компаниите, ги поддржуваат дури 86% од граѓаните на ЕУ, покажуваат резултатите од истражувањето на Флеш Евробарометар објавени денеска.

Според анкетата, 86% од испитаниците го поддржуваат одржливото користење на природните ресурси, 82% иницијативите за заедничко купување гас од земјите членки на ЕУ, 81% се за градење партнерски односи на ЕУ со другите глобални актери како Велика Британија, САД, Јапонија и Австралија, а 80% се за намалување на „прекумерната комерцијална зависност“ од земји како Русија или Кина.

Иницијативата за зголемување на конкурентноста на европската индустрија за чиста технологија ја поддржуваат 80% од анкетираните, мерките на ЕУ за забрзување на дигиталната трансформација – 77%, а напорите за заштита потрошувачите и за зголемување на отпорноста на економијата се важни за 76% од испитаниците.

Кога станува збор за идните активности што треба да ги преземе ЕУ, 86% од анкетираните сметаат дека треба да се наполнат складиштата со гас во Унијата со цел да се избегне ризикот од недостиг на енергенсот, 85% мислат дека ЕУ треба да го поттикне производството на енергија од чисти технологии во земјите членки, а 79% дека се потребни мерки за намалување на потрошувачката на енергија.

Во делот на безбедност, 75% испитаници се на ставот дека ЕУ треба да финансира заеднички проекти насочени кон развој на стратешките одбранбени потенцијали и технологии, 85% мислат дека Унијата треба да ја засили својата енергетска и економска безбедност, а 75% се за зајакната воена соработка меѓу земјите членки.

Анкетата покажува и висока поддршка за продолжување на солидарноста со Украина и Украинците. Така, 86% од анкетираните се за тоа ЕУ да продолжи да обезбедува хуманитарна поддршка за луѓето погодени од војната, 77% се за прифаќање во Унијата на Украинците кои бегаат од војната, а 71% ги поддржуваат економските санкции против Русија. Вкупно 67% ја поддржуваат европската интеграција на Украина, а 65% се за интегрирање на земјата во единствениот пазар на ЕУ. Финансиска и економска поддршка од ЕУ за Украина одобруваат 65% од анкетираните, а 57% сметаат дека Унијата треба да продолжи со снабдувањето на Украина со воена опрема и со обука на припадниците на украинските Вооружени сили.

На прашањето кои вредности ЕУ најдобро ги претставува, 53% одговориле дека тоа е „почитувањето на основните права и вредности“, 50% – „социјалната еднаквост и благосостојба“, 49% – „толеранцијата и отвореноста кон другите“, 48% „мирот“, 46 проценти -„солидарноста со земјите во и надвор од ЕУ“, а 45% сметаат дека тоа е „заштитата на природата, климата и животната средина.

Анкетата е спроведена во сите 27 земји членки на ЕУ помеѓу 24 и 31 август 2023 година и со неа онлајн се интервјуирани 26.514 граѓани на Унијата.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во реакција на истражувањето, Европската комисија оцени дека тоа покажува „огромна поддршка“ меѓу Европејците за мерките што ЕУ ги презеде во текот на минатата година за заштита на потрошувачите и компаниите од нестабилноста на цените на енергијата, како и за активностите за поттикнување на енергетската безбедност и зелената транзиција.

- Advertisement -
Ad image

Таа, исто така, потврдува голем консензус меѓу граѓаните на ЕУ во корист на зајакнување на индустријата за чиста технологија, за поголема конкурентност, како и на активностите на ЕУ преземени како одговор на руската инвазија на Украина, наведува ЕК.

Share This Article