Предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европа во две брзини, не е формален предлог доставен до институциите во Брисел и не постои причина за загриженост, рече претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција
– Тоа е стар предлог на францускиот претседател. Со тезата дека прво треба да има продлабочување пред да има проширување, значи прво треба да има измени на клучните процедури за проширување во ЕУ, па дури потоа да размислуваме за проширување на Унијата. Такво нешто не се случува. Има симболични, но сепак има движења напред во однос на статусот на државите од Западен Балкан кон ЕУ и надвор од Западен Балкан, Украина и Молдавија не чекаат продлабочување на ЕУ туку влегоа во процедура за проширување – рече Пендаровски.
Според Пендаровски, ако се гледа објективно, во ЕУ долги години па и децении наназад постојат две и повеќе брзини, бидејќи не сите земји-членки се дел од еврозоната и од Шенген зоната.
– Ова не е формален предлог на Макрон, ова е дел од говор од Советот на амбасадори на Франција во светот. Кога би бил формален предлог доставен до бриселските институции од она што го имам како информација не би бил прифатен сигурно. Немаме причина за загриженост, нема да станеме членка утре па да се плашиме дека ќе имаме понизок статус или права од другите земји-членки за нас е најбитно да продолжиме по овој формален пат кој го имаме досега и да се приближиме што е можно поскоро до ЕУ – нагласи Пендаровски.