Хрватските железници потврдија дека неколку десетици мигранти биле исфрлени од патнички воз на железничката станица Плашки во саботата вечерта поради, како што тврдат, агресивно однесување.
„Јутарњи лист“ наведува дека машиновозачот, кондуктерот и патниците ги здружиле силите за да ги исфрлат мигрантите кои трчале во возот, викајќи и агресивно се однесувале.
Според досегашните информации, патничкиот воз кој сообраќал од Сплит за Загреб со 70 патници пристигнал на станицата Пласки во саботата во 18:55 часот.
Откако биле отворени вратите на возот, кон него дотрчала група од стотина мигранти. Тие се обиделе да влезат во возот низ неколку врати додека викале.
Една група мигранти кои влегле во возот викале, трчале низ вагоните и се однесувале агресивно, пишува Јутарњи лист.
На ова реагирале кондуктерот, машиновозачот и патниците кои по десетина минути успеале да ја избркаат групата мигранти од возот.
Како што пренесува Јутарњи лист, мигрантите не ги нападнале патниците, а немало ниту физичка пресметка. Мигрантите беа протерани поради агресивно однесување.
Градоначалникот на општина Плашки: Зголемен е бројот на мигранти, мештаните се чувствуваат нелагодно
Градоначалникот на Плашки Перо Дамјановиќ вели дека нема официјални информации за овој инцидент.
Според него, мигрантите секојдневно патуваат со воз од Плашки, а полицијата редовно ја следи состојбата на местото и дека досега немало никакви инциденти.
Сепак, Дамјановиќ нагласува дека во последно време значително е зголемен бројот на мигранти кои минуваат низ Плашки, што предизвикува непријатност кај мештаните, а мигрантите зад себе оставаат големо количество ѓубре во градот.
Иако немаше физички напад, ова може да се смета за најсериозен инцидент во кој се вмешани мигранти. Имено, ова е првпат граѓаните да мораат да дејствуваат за да ги смират мигрантите, заклучува Јутарњи лист.