Сопствениците на мали фарми стравуваат од африканската свинска чума. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци Гоце Сарафимов вели дека никому не му е јасно како болеста успеала да зафати една од најголемите фарми, па од таа причина стравуваат дека малите фарми се многу полесна мета. Преземени се и сите мерки за поголема заштита на фармите.
– Стравуваме, како не. Таа е најголема фарма за свинско месо и е една со најголемите био-сигурносни мерки, со најдобро обезбеден режим на движење, меѓутоа и таму се појави. Од што дојде и како дојде, никому не му е јасно. Моментално, во малите фарми што се околу фармата, уште нема никаде појавено од свинската чума, па ќе видиме натаму -вели Сарафимов.
Тој посочува дека болеста не е опасност за луѓето, туку само за животните, а нејзини преносители најчесто се дивите свињи. Од таа причина, смета Сарафимов, требало да се преземат мерки со цел да се спречи ризикот од болеста.
– И таа африканска свинска чума не е нешто страшно за луѓето, да не се плашат за исхраната, всушност, од тоа не се ни дава на исхрана, тие свињи се нештетно уништуваат. Меѓутоа, да не се крева паника, не е тоа нешто заразно за луѓето, таа се пренесува само од животни на животни, најмногу ја пренесуваат дивите свињи. Требаше уште поодамна да се преземе нешто за намалување на бројот на дивите свињи, уништувањето на дивите свињи и на тој начин да се намали ризикот од африканската свинска чума – додава Сарафимов.
Инаку, на 25 претходниот месец, болеста африканска свинска чума беше потврдена во поголема фарма во селото Таринци, а закопувањето на околу 9.000 свињи започна во средата. Од АХВ посочија дека евтаназијата се спроведува со претходно обезбедување на сите потребни услови за безбедна евтаназија на животните и соодветно нештетно отстранување на мршите.