Тројца жители на Ѓорче Петров и едно непознато лице чувале оружје и муниција која е забранета за граѓани во канта за ѓубре. Основното јавно обвинителство Скопје почна истражна постапка против нив под сомнение дека сториле кривично дело – „неовластено изработување, држење, посредување и трговија со оружје или распрскувачки материјали од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, односно држеле оружје кое е забрането за граѓаните.
Како што соопшти обвинителството, станува збор за лица на возраст од 27, 22 и 19 години и за непознато лице. За нив се бара мерка притвор.
Обвинителството соопшти дека тие во канта за отпадоци, спроти влез од куќа во Ѓорче Петров, неовластено држеле автоматска пушка „Type 56“ кал. 7,62×39 мм, од кинеско потекло, автомат „Pleter 91“ кал. 9мм Pаra од хрватско потекло, како и вкупно 127 куршуми муниција со различен калибар, наменети за испалување од автоматски и полуавтоматски огнени оружја.
-Ваквото оружје и муниција се целосно забранети за граѓаните и за нивно поседување е предвидена казна затвор од најмалку пет години – велат од ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени, со тоа што за осомничениот кој е во бегство мерката ќе се започне да се применува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.