Локалниот пат од селото Маврово до селото Леуново утре ќе биде целосно забранет за сообраќај заради одржување на велосипедска трка. Полицијата ќе преземе мерки за обезбедување на настанот и ќе го регулира сообраќајот.
Од СВР Тетово информираат дека утре од 9 до 16 часот и 30 минути на потегот од село Маврово до село Леуново ќе се одржи традиционална велосипедска трка по повод празникот 8 Септември, на која ќе учествуваат неколку категории натпреварувачи.
– Во тоа време целосно ќе биде забранет сообраќајот на овој пат, а покрај редари на организаторот, за безбедноста на учесниците и гледачите ќе се грижат повеќе полициски службеници и возила на Секторот за внатрешни работи Тетово кои ќе бидат ангажирани за таа цел и намена, наведуваат од СВР Тетово.
Од таму упатуваат апел до учесниците на трката да се придржуваат на знаците и другата опрема поставена од организаторот, а до возачите – целосно да ја почитуваат забраната во периодот додека трае трката.