Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити утрово на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) присуствуваше на стручниот онколошки колегиум, кој се одржува еднаш неделно, односно секоја среда во месецот.
Министерот Меџити со лекарите разговараше за воспоставениот систем на работа на Клиниката, начинот на контрола на терапијата, соодветна и навремена терапија за секој пациент, како и за механизмите за елеминирање на какви било злоупотреби со терапиите, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму велат дека Клиниката за онкологија има воведено нов начин на работа од ноември лани при што конзилиум од 12 раководители на оддели ги разгледува историите на пациентите на кои им е индицирана апликација на биолошка терапија и заеднички одлучуваат дали има основa пациентот да прима одредена терапија.
„На овој начин е исклучена можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник кој се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија. Во електронската евиденција на УКРО за секој лек постои картица на артикл која ги содржи следните податоци: име и презиме на пациент, број на евидентиран преглед, датум на преглед, датум на апликација на лек, количина на лек“, соопшти Министерството.
Министерот на состанокот упати апел за максимална посветеност на лекарите кон пациентите, со оглед на случувањата поврзани со Онкологија кои иако се случувале во минатото, сепак е оправдана грижата на пациентите и на нивните семејства.
Лекарите на состанокот побараа да бидат заштитени од генерализирање на одговорноста и од јавниот линч, бидејќи професионално и посветено работат, што е показател за многу излекувани пациенти и спасени животи.
По средбата со стручниот колегиум министерот Меџити на Клиниката оствари средба со повеќе пациенти со кои разговараше дека не треба да се сомневаат во квалитетот на терапијата и професионалноста на лекарите на Онкологија, додаваат од Министерството.