More

    Месото поскапе за 20 денари по килограм

    spot_img

    Ќе има ли криза со свежо свинско месо во земјава по зафаќањето со болеста свинска чума на една од најголемите фарми за товење свињи?

    Надлежните велат дека ситуацијата е под контрола и нема да се јави кусок на свежо месо на пазарите и повикуваат да не се манипулира со цените, но производителите и преработувачите велат дека состојбата е многу позагрижувачка.

    – Денеска поскапе свинското месо и се продава за 20 денари поскапо по килограм, а ако владата не го реши проблемот можно е земјава да се соочи со уште поголем проблем – да се регистрира недостиг не само на свежо свинско месо, туку и на сувомесни производи – велат производителите и преработувачите.

    Деновиве една од најголемите фарми со 9.000 товени свињи наменети за домашниот пазар е погодена од свинска чума и мора да ги уништи сите единки. Тоа според пресметките на познавачите на секторот, ќе значи од 850 до 900 тони свежо месо помалку на пазарот во земјава до наредниот турнус, што сигурно ќе влијае и на цената на месото.

    – Тој недостиг ќе мора да се увезе од надвор, а со оглед на ширењето на свинската чума во регионот, или нема да може да се увезе бидејќи земјите од регионот ќе треба да ги задоволат прво своите потреби, па да извезуваат или ќе биде по многу повисока цена од сегашната, а тоа значи и повисока цена за крајниот потрошувач. Денеска сме сведоци на поскапување на месото во продавниците за 20 денари, а ако не се преземе ништо цените ќе растат бидејќи понудата ќе опаѓа, а побарувачката на месо ќе расте – вели Благоја Бајдовски од месната индустрија „Екстра Меин“.

    Според него, проблемот станува уште посложен, ако се знае дека моментално на берзите никој не нуди свинско месо, па и месната индустрија може да се соочи со проблем за набавка на суровина за преработка.

    – Состојбата со свинско месо е сложена во светот. Моментално на берзите не се нуди свинско месо, што влијае и на нашата работа бидејќи оние кои немаат резерви наредните месеци ќе бидат соочени со проблем да не можат да произведуваат сувомесни производи. Најава за нормализација на пазарот се очекува во ноември, но и тоа не е сигурно бидејќи болеста свинска чума се шири многу брзо во Европа и некако засега се контролира на американскиот континент. Затоа е потребна и брза реакција во овој период за да не дојдеме во ситуација да го нема месото во продавниците, а цените да растат – вели Бајдовски.

    Тој предлага мултиинституционално решавање на кризата со свинско месо за да се задржат сегашните цени и да се реши недостигот.

    – Потребно е Министерството за економија и вицепремиерот за економски прашања да се сретнат со производителите и преработувачката индустрија преку коморите и да изградат став како да го решат проблемот без да се зголеми цената на месото и производите од свинско месо. Едно од решенијата е да се укине царината на увезеното месо за да се обезбедат доволни количини на месо за пазарот и за производството на сувомесни производи, пред да навлеземе во поголема криза Но, власта треба да сака да го реши проблемот, а не само да ветува дека ќе го реши и ништо да не прави – вели тој.

    И одгледувачи на свињи и друг вид добиток велат дека цените на месото ќе растат бидејќи се намалува производството.

    – Трошоците за одгледување секоја година растат, земјоделците се незадоволни од состојбите, а младите заминуваат. Нема кој да произведува. Само еден пример ќе ви ја долови состојбата. Ако ми дојдат гости и сакам да им испечам прасе нема каде да го купам. Се намалува бројот на добитокот и на земјоделците – вели Гоце Кантаровски, сточар од Прилепско.

    Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека 9.000 свињи сочинуваат 20 отсто од домашното производство што не е мала бројка, а новиот турнус на товени свињи би дошол некаде напролет што сигурно доведува до недостиг на свинско месо.

    – Ова жариште за кое веќе се зборува 10 дена, е закана за целиот регион и за фармите и за домашните одгледувачи во штипско-карбинскиот регион. Стравот кај домаќинствата и кај фармите во овој регион се шири што се гледа и од паничното колење на свињите за да се спаси што е можно. Затоа се потребни подобри мерки за заштита на останатите единки во регионот и да се спречи ширење на болеста во други региони каде што имаме фарми и домашни одгледувачи на свињи за да не се доведеме во ситуација да бидеме зависни од увезено месо и да јадеме смрзнато наместо свежо месо – вели Трипуновски.

    Од појавувањето на свинската чума во земјава до сега официјално се уништени 3.500 свињи или со последното уништување на 9.000 единки, бројот се зголемен на 11.500.

    Властите убедуваат дека нема да има недостиг на свежо свинско месо на пазарот со угинувањето на 9.000 свињи.

    Николче Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера изјави дека состојбата е под контрола.

    – Сè е под контрола, значи не треба да се прави од ова какво било политикантство и точно, негде од производството на домашно свежо месо, бидејќи нашата држава е увозно независна ќе се осети мал, можеби мал недостаток. Затоа, нема потреба од манипулирање со цени и зголемување на цените на свинското месо, бидејќи нашите производители на свинско месо ги задоволуваат потребите и остануваше одреден вишок кој одеше во преработувачката индустрија. Е сега, тој вишок ќе го изгубиме – изјави Бабовски.

    Од Агенцијата велат дека внимателно била избрана локацијата каде треба да се закопаат свињите заразени со африканска чума, за да се спречи ширењето на болеста.

    Лани, според податоците на државниот завод за статистика се произведени 13.493 тони свинско месо што е за 13,4% помалку од претходната. Какви ќе бидат бројките годинава, може да се претпостави.

    Се верува дека производство на свинско месо ја задоволува годишната потрошувачка на ваков вид месо, а во некои месеци има и вишоци кои се нудат на преработувачката индустрија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img