Претпоставките дека Саудиска Арабија би можела дополнително да го намали производството на нафта предизвикаа еднонеделен скок на цените на нафтата, кој аналитичарите го споредуваат со оној од почетокот на годината, но и стравување дека во октомври ќе има дополнителен раст на цената и како резултат на најавата дека и Русија и нејзините сојузници планираат намалување на производството.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 4,7 отсто, на 88,49 долари, што е највисоко ниво од крајот на јануари. На американскиот пазар, пак, барелот поскапе за 6,5 отсто, на 85,02 долари, што е највисоко ниво од почетокот на минатата година.
Аналитичарите очекуваат Саудиска Арабија дополнително да го намали производството за 1 милион барели дневно во октомври, иако веќе го намали производството во рамки на договорот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници.
– Очекуваме дека ќе ја продолжат одлуката за намалување на понудата и дека нафтата на ОПЕК ќе се врати на пазарот кога цените ќе се стабилизираат над 90 долари за барел – наведуваат аналитичарите на Националната австралиска банка во прегледот на состојбата на пазарот.
Како што изјави рускиот вицепремиер Александар Новак и Русија, вториот најголем извозник на нафта во светот, веќе се договори со сојузниците на ОПЕК + да го намали извозот на нафта следниот месец.
Побарувачката треба да се зголеми и судејќи според падот на комерцијалните резерви во САД во пет од изминатите шест недели.