Русија ја воведе новата интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“ во редовниот состав на своите вооружени сили, изјави во петокот шефот на руската вселенска агенција Роскосмос, Јуриј Борисов.
Системот Сармат, исто така наречен Син на сатаната, може да биде вооружен со нуклеарни боеви глави. Рускиот претседател Владимир Путин во јуни изјави дека проектилот наскоро ќе биде подготвен за распоредување.
Сместена во подземни силоси, ракетата може да носи до 15 нуклеарни боеви глави, според руските власти. Но, американските воени претставници проценуваат дека може да носи до 10.
Со тежина од 208 тони, ракетата има дострел од 18.000 километри.
„Сармат“ ќе ги замени постарите интерконтинентални балистички ракети од 1980-тите.
Руските вооружени сили го тестираа во април 2022 година во областа Плесецк, околу 800 километри северно од Москва. Пробни проектили погодија цели во Камчатка.