Романија и Украина ќе ги поврзува нов граничен премин кој симболизира напредод во односите меѓу двете соседни земји. Ќе се гради меѓу Била Церква и Сигету Марматиеи, а целта ќе биде да го олесни преминот на луѓе и стоки.
Договорот меѓу двете земји беше постигнат денеска за време на посетата на украинскиот премиер Денис Шмигал на Букурешт. Церемонијата на потпишување се одржа во палатата „Викторија“ , зградата на романската Влада.
-Тоа ја означува консолидацијата и напредокот во билатералните односи меѓу Романија и Украина – рече владиниот портпарол Михаи Констан.
За време на заедничките изјави веднаш по церемонијата, романскиот премиер Марсел Чолаку и Денис Шмигал се осврнаа на други актуелни теми на агендата.
-Романија ќе биде ангажирана на ист начин како и досега во олеснувањето на извозот на украинското жито на меѓународните пазари. Преку Романија се надеваме дека ќе транзитираме над 60 отсто од вкупниот обем на извоз на жито од Украина – најави Чолаку.
Романскиот премиер додаде дека тој и неговиот украински колега поставиле амбициозна цел да се удвои обемот на транзит на украинско жито во Романија од два милиони тони месечно на четири милиони тони и нагласи дека мерките што ќе бидат преземени на национално и европско ниво, на ников начин нема да бидат на штета на романските земјоделци.
-Владата ќе продолжи да дава целосна и доследна поддршка на Украина. Обединети сме против руската воена агресија и варварските акти. Овој бесмислен конфликт мора да запре. Предлагаме целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Ние ќе стоиме со Украина толку долго колку што е потребно додека Украина не победи – рече Чолаку.
Тој упати повик кон Украина да продолжи да се бори како досега, бидејќи зад себе има сојузници, како што се САД, НАТО и ЕУ и пријатели како Романија.
-Местото на Украина и Молдавија е во ЕУ – додаде Чолаку.