Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културно наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска (17.08.2023), по издадени наредби за претрес од страна на Судија на претходна постапка, изврши претреси на две локации во Скопје, при што се приведени А.И.(26) и С.С.(32) од Скопје.
„При претресите, во домот на А.И. пронајдени се и одземени една автоматска пушка со оптички уред, рамка за автоматска пушка со 28 куршуми во неа, девет електронски уреди со магнет, три дигитални камери, два електронски уреди, две ќеси со растителна материја. Додека во домот на С.С. пронајдени се и одземени една автоматска пушка со една рамка со куршуми, еден автоматски пиштол со една рамка со куршуми, еден пригушувач, една кутија со 32 куршуми 7,62мм, нож, една ќеса со бела прашкаста материја“, информираат од МВР.
Во координација со јавен обвинител од ОЈО Скопје против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.