На Украина е да одлучи кога ќе има услови за преговори за завршување на војната со Русија, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, нагласувајќи дека Алијансата не го променила ставот.
„Украинците и само Украинците се тие кои можат да донесат одлука за тоа кога ќе има услови за преговори. Тие се оние кои можат да одлучат што е прифатливо решение на преговарачка маса“, рече Столтенберг.
Говорејќи на конференција во норвешкиот град Арендал, тој додаде дека улогата на НАТО е да ја поддржи Украина.
Столтенберг ги даде коментарите откако шефот на неговиот кабинет Стијан Јенсен во вторникот рече дека Украина на крајот можеби ќе мора да и отстапи територија на Русија како дел од договорот за ставање крај на војната. Џенсен подоцна рече дека жали за изјавата.
„Неговата порака (на Јенсен) е иста како мојата порака, која е главната порака на НАТО, а тоа е дека политиката на НАТО не е променета – ја поддржуваме Украина“, рече Столтенберг.
НАТО на самитот минатиот месец рече дека Украина ќе биде поканета за членство кога „членките ќе се согласат и ќе ги исполнат условите“ и дека земјата има право да го избере својот пат независно од Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека иако исходот од самитот е добар, би било идеално Киев веднаш да добие покана.
Западните сојузници на Киев обучуваат илјадници украински војници, а Украина е силно зависна од нивното оружје во борбата против руските сили кои започнаа инвазија во февруари 2022 година.