Високиот функционер на НАТО Стиан Јенсен, началник на Генералштабот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се извини и ги разјасни своите коментари еден ден откако јавно рече дека Украина може да ѝ отстапи територија на Русија во замена за членство во НАТО и крај на војната, пишува Гардијан.
Тој за норвешкиот весник ВГ изјави дека не требало да зборува толку едноставно како што зборувал, откако неговите првични коментари предизвикаа лута реакција од Киев. На панел настанот во Норвешка во вторникот, Јенсен рече дека иако секој постигнат мировен договор треба да биде прифатлив за Украина, членките на Алијансата разговарале за тоа како може да се стави крај на 18-месечната војна.
– Мислам дека решението може да биде Украина да се откаже од својата територија и за возврат да добие членство во НАТО – рече Јенсен, истакнувајќи дека во дипломатските кругови продолжуваат дискусиите за повоениот статус на Украина.
Еден ден подоцна, тој даде интервју за истиот весник кој известуваше за неговите оригинални коментари.
Сепак, Јенсен не се откажа од идејата дека на крајот може да има договор на маса за влез на земјата во НАТО. Ако има сериозни мировни разговори, тогаш воената ситуација во тоа време, вклучувајќи го и тоа кој контролира чија територија, „нужно ќе има одлучувачко влијание“, рече тој.
Генсекот на НАТО, Јенс Столтенберг, мораше да ја „испегла“ изјавата на својот колега со следните зборови:
– Неговата порака (на Јенсен), која е мојата главна порака, а која е главната порака на НАТО, е, прво, дека политиката на НАТО е непроменета – ја поддржуваме Украина – рече Столтенберг.
Столтенберг нагласи и дека „Украинците и само Украинците можат да одлучат кога има услови за преговори и кои можат да одлучат на преговарачка маса што е прифатливо решение“.