Македонските војници во Словенија се во добра здравствена состојба. Утринава се вратени во сместувачките капацитети каде денеска ќе одмараат, соопшти Министерството за одбрана по информацијата дека тие се затруле додека чистеле по поплавите во Словенија.
„Двајца македонски војници од контингентот упатен на испомош во Словенија во текот на вчерашниот ден по чистење на подрумски простории од последиците од поплавите, заедно со словенечките колеги, се пожалиле на мачнина од јаглерод моноксид по што превентивно се префрлени во болница за детални прегледи. По испитувањата утврдено е дека тие се добро и во текот на утринските часови вратени се во сместувачките капацитети каде денеска ќе одмараат. Благодарност до словенечките пријатели за брзата реакција! Министерство за одбрана“, се наведува во соопштението.
Според информациите на словенечките медиуми, вчера на проблеми со гас се пожалиле 18 македонски војници, 6 словенечки војници и 8 пожарникари.