Српскиот Институтот за јавно здравје соопшти дека 24 лица во Србија се заразени со западнонилска треска. Просечната возраст на пациентите е 63 години, претежно се од машки пол, а повеќето имале дијабетес и хипертензија.
Болеста не е регистрирана во целата земја, туку само во одредени области. Засега најраспространета е во Војводина каде се регистрирани 15 потврдени случаи на западнонилска треска, а пациентите се од различни делови на Банат и Бачка.
Според Институтот за јавно здравје од Војводина, најголем дел од пациентите имале некаков коморбидитет, односно најчесто дијабетес и хипертензија, а сите досега потврдени случаи имаат невроинвазивни форми на болеста – менингитис или енцефалитис и се на болничко лекување.
Западнонилската треска на ова поднебје е регистрирана од јуни до ноември, а периодот од каснување од заразен комарец до појава на болеста трае од 2 до 14 дена. Во повеќето случаи, од 70 до 80%, заразеното лице нема никакви симптоми или знаци на болеста. Околу 20% од заразените развиваат лесна болест слична на грип со покачена телесна температура, главоболка, малаксаност, слабост, болки во зглобовите и мускулите, кои поминуваат без последици по 5 до 7 дена – појаснуваат епидемиолозите.
Може да се јави и осип на трупот и на екстремитетите, зголемени лимфни жлезди и дијареа, а мал процент, помалку од еден процент од заразените луѓе развиваат тешка форма на болеста, која може да се манифестира како воспаление на мозокот или менингитис. Симптоми на воспаление на мозокот се интензивна главоболка, вкочанет врат, поспаност, дезориентација, кома, тремор, неволни конвулзии, мускулна слабост и парализа. Воспалението на мозокот почесто се јавува кај повозрасните лица, како и кај лица со ослабен имунитет и хронични здравствени нарушувања.