Најмалку 35 лица загинаа, а десетици се повредени во експлозија и пожар на бензинска пумпа во руската кавкаска република Дагестан, покажуваат новите податоци што денеска ги објавија властите.
Причините за катастрофата се’ уште не се познати, но слични несреќи и пожари не се невообичаени во Русија. Тие често се резултат на непочитување на безбедносните прописи и стари инсталации, пишува „Индекс“.
На видео снимките од Министерството за вонредни состојби се гледаат остатоци од изгорени автомобили и спасувачи со шлемови кои се обидуваат да го изгаснат пламенот и да ги отстранат остатоците.
Локалните власти објавија за 35 загинати и 64 повредени, што е зголемување од утрово кога агенцијата „Интерфакс“, повикувајќи се на регионалните служби за итна медицинска помош, објави дека бројот на загинати се искачи на 25 лица, меѓу кои и три деца.
На пожарникарите им требаа повеќе од три и пол часа да го изгаснат пожарот, кој се прошири на површина од 600 квадратни метри, јави ТАСС, повикувајќи се на соопштение на руската служба за вонредни состојби.
Денешниот ден е прогласен за ден на жалост во Дагестан.