Кој нема да стаса до 12 февруари идната година да ги замени личните документи со нови, на коишто го пишува новото уставно име на државата, нема да има право да гласа на мајските претседателски избори.
Вакви гласини веќе подолго време се шират во политичките кругови, а дека постои реална опасност многу наши сограѓани да го загубат демократското право на глас ни потврдија и од Државната изборна комисија (ДИК).
Оттаму за Плусинфо велат дека опасноста демне, но дека сепак постои надеж оти навреме ќе се изнајде преодно решение за да не се случи да има оштетени граѓани.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлагаат сите граѓани коишто имаат валидни лични документи да имаат право да гласаат на претстојните претседателски избори, бидејќи, како што посочуваат, станува збор за документи издадени од домашните институции, а политичката одлука за промена на државното име не смее да биде причина за ускратување на правото на глас.
Немојте да сте безобразни!
Пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, искрено се надева оти власта нема да биде толку безобразна и навистина да им оневозможи на дел од граѓаните да го остварат правото на глас само затоа што во личната карта не го пишува новото државно име.
Не би сакал ни да помислам дека власта подготвува такво сценарио, бидејќи таквиот потег би бил крајно безобразен
– За еден човек да го искористи своето право на глас, потребно е да приложи личен документ за идентификација. Со тој документ гласачот може да гласа, а избирачкиот одбор го користи документот за да види дали гласачот е навистина тој што се претставува дека е. Така што, секој валиден документ, без разлика каков наслов носи, би требало да е валиден за гласање. Но, за ова прашање Државната изборна комисија (ДИК) треба да изгради принципиелен став и на тој начин да ги заштити правата на гласачите, без разлика на политичките одлуки кои можеби измениле наслови на некои нивни лични документи – истакна Милошоски за Плусинфо.
Тој посочува дека во случајов не треба да измислуваме топла вода, туку само треба да ги признаеме личните документи на граѓаните, без разлика дали на нив пишува „Северна“ или пишува „Република Македонија“.
– Ако еден човек поседува важечка лична карта со старото уставно име, тоа значи дека тој се фотографирал во просториите на Министерството за внатрешни работи (МВР), има единствен матичен број испишан на документот, има негова фотографија на документот. И не е важно дали на документот пишува „Северна Македонија“ или само „Македонија“, воопшто не важно во поглед на правото на глас. Важно е дека документот е валиден и дека системот го препознава човекот преку податоците во документот. Освен тоа, верувајте дека навистина постојат луѓе на кои им е скапо одеднаш да ги сменат личните документи. Замислете, некој наш сограѓанин поседува лична карта за којашто уредно платил за да ја извади и за да го фотографираат, а која има важност до 2026 година, на пример. И истиот тој човек, дури и да може финансиски да си дозволи нов документ, едноставно не сака да му биде ускратено нешто за коешто веќе ѝ платил на државата. Мора да имаме предвид дека постојат многу такви луѓе, а има и граѓани кои поради здравствени причини немаат можност навреме да ги променат документите. И сакате да кажете дека овие луѓе нема да имаат право да гласаат на изборите? – прашува Милошоски.
На прашањето дали опозицијата стравува дека власта би можела да им забрани на гласачите со стари документи да гласаат на претстојните претседателски избори, пратеникот вели дека со таквиот потег би се загрозила слободата на граѓаните.
– Не би сакал ни да помислам дека власта подготвува такво сценарио, бидејќи таквиот потег би бил крајно безобразен. Но, којзнае, веќе во повеќе наврати видовме дека од властите може сѐ да се очекува, па дури и оневозможување на граѓаните да гласаат со приложување валидни документи. Затоа, би ѝ порачал на власта да се свести, бидејќи правото на глас е многу поважно од нечии политички одлуки – рече Милошоски.
Треба да почекаме
Ангела Аврамоска, вработена во Одделението за информирање на јавноста и едукација на граѓаните во Државната изборна комисија (ДИК), признава дека гласините за евентуалното оневозможување на гласачите да гласаат на избори со стари валидни лични документи веќе почнале да се шират и низ ходниците на Комисијата, но како рече, сѐ уште е рано за да се крева паника.
– Државната изборна комисија сѐ уште нема официјален став за евентуалниот проблем што би произлегол од задолжителната промена на личните карти, а најверојатно нема ни да си земе право да одлучува како ќе биде уредена таа состојба, бидејќи тоа е обврска на законодавецот. Доколку има измени на Изборниот законик во тој дел, тогаш ДИК е должна да ги имплементира измените. Меѓутоа, засега немаме коментар за тоа што би било кога би било – ни изјави Аврамоска.
На прашањето колкав проблем може да се создаде доколку на многумина им биде ускратено правото на глас на изборите само затоа што не успеале навреме да ги променат личните документи, Аврамоска вели дека сѐ уште е рано за да се вршат проценки.
– Сега можеме само да прејудицираме и секој наш одговор би бил избрзан и преуранет. Моето лично мислење, но и официјалниот став на Државната изборна комисија, е дека треба да почекаме. Искрено, не верувам дека би можеле да се доведеме во таква непријатна ситуација, бидејќи сигурно ќе се изнајде некакво преодно решение – истакна Аврамоска.
Инаку, рокот за замена на личните документи со нови на кои ќе пишува „Северна“ е ставен во фамозниот Преспански договор и предвидува промената да се случи во период од 5 години од потпишувањето на документот во Нивици.