Во време кога пензионерите здружено се обединија да го побараат тоа што реално им следува – пензии кои ќе им овозможат достоен живот – наместо поддршка, добија критика од претседателот на Партијата на пензионерите – Темелко Ристески, реагира политичката партија Левица.
„Темелко Ристески, наместо како претседател на Партијата на пензионерите да ги застапува нивните интереси, излезе со став дека линеарното зголемување на пензиите не било правично и дека треба тие со поголеми пензии да имаат поголемо зголемување, бидејќи плаќале поголема придонеси во ПИОМ.
Инаку, Ристески важи за верен владин апологет, кој стана познат за јавноста кога се обзнани негов извештај до Министерството за одбрана, каде меѓу платените активности, се и пропагандни текстови за власта на СДС.
Оттука, јасно е дека претседателот на партијата која што, не само што треба да ги подржи барањата на пензионерите – туку треба и да ја предводи нивната борба – наместо да застане рамо до рамо со пензионерите кои што протестираат, очигледно се бори за лични интереси, а не за интересите на сите пензионери“ – обвини Левица.
Партијата јавно го прашува Ристески дали тој би издржал еден месец со минимална пензија, како што преживуваат мнозинството пензионери?
Левица вели дека, како партија која се бори за социјална правда, го поддржува денешниот протест на пензионерите и ги повикува и останатите граѓани да се придружат на заедничката борба за достоинствен живот на сите.
Изминатиот период пензионерите протестираа во повеќе градови, а за денеска е најавен протест во Скопје. Како што е најавено, тие прво ќе протестираат пред седиштето на Сојузот на здруженија на пензионери, а потоа ќе се упатат кон Министерството за труд и социјална политика каде ќе бараат средба со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата.
Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.