Повеќе од 4.300 куќи во 16 села, 5.600 други недвижности и 43 патишта се сè уште поплавени во Приморскиот крај на истокот на земјата, според службата за цивилна заштита.
Службата додаде дека 28 села се отсечени поради поплавите. Засега нема забележани жртви, а над 2.000 жители се евакуирани.
Покраината на границата со Кина во изминатите денови беше погодена од тајфунот Ханун, кој веќе предизвика штета во Јапонија. Крајбрежните подрачја на Приморскиот крај граничат со Јапонско, односно Источно Море.
Прогласена е вонредна состојба поради тешките поплави поради напукнувањето на брана во близина на градот Спаск-Дални и обилните врнежи по тајфунот.
Околу Спаск-Дални водата денес полека се повлекува, но многу куќи и понатаму се без електрична енергија.
Во близина на градот Усуријск тешко е оштетен граничниот премин со Кина.