Министерството за здравство им порача на дијабетичарите дека тужбите не се решение и вели дека со нив е на иста страна во случајот, „давајќи максимални напори да ги корегираме пропустите на претходното раководство на Министерството за здравство, кое задоцнило со сите процедури и не ги следело препораките на Комисијата навремено да започне со постапките“.
„Министерството за здравство во целост ги разбира Здруженијата на дијабетичари со кои е во постојан контакт. Здруженијата на почеток од следната недела ќе бидат повикани повторно на средба и уште еднаш заеднички ќе се разговара за состојбата и ќе бидат информирани за процедурите кои течат во моментот за набавка на потребната терапија. Тужби не се решение ниту има потреба од нив затоа што министерството е партнер со здруженијата, но ако тие веќе решиле да тужат, тоа треба да биде насочено кон претходното раководство кое ги создаде проблемите кои денес се труди министерството да ги надмине“, велат од Министерството.
Оттаму апелираат за воздржаност и разбирање, бидејќи се прави апсолутно се што е во моќ на министерството, запазувајќи ги правните процедури и рокови од кои едноставно не може да се отстапи.
Од Министерството за здравство претходно беше ветено дека дијабетичарите ќе ја добијат потребната терапија до крајот на јули, но тоа не се случи.