Со пригодна свеченост на сцената од Долни Сарај, вечерва беа доделени дипломите на матурантите од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Во име на Општина Охрид за постигнатитот успех им честиташе советничката Ана Крстеска.
– Бидете уверени во тоа дека упорноста и трудот секогаш се исплаќаат. Доказ за тоа претставува и примерот со новелистката кој што ја цитирав на почетокот. Таа, 12 години се обидувала да ја публикува својата прва книга „Хари Потер“, но била одбивана. Сепак после 12 години успеа во намерата и токму тоа дело беше прогласено за бестселер. Ј.К. Роулинг не е единствениот ваков пример. Тоа е така затоа што таа продолжила, а не се откажала кога работите станале тешки. Такви ги има многу. Такви луѓе постојат и во Охрид и во Македонија. Впрочем и историјата на Македонија укажува на тоа дека постоеле луѓе кои не се откажуваат, кои оделе по потешкиот пат само за направат нешто добро за Државата. Вашите способности за напорна работа, Вашата интелегенција, образованието кое ќе го стекнете, Ви даваат уникатен статус во општеството, бидејќи токму Вие сте супер силата на нашето општество. И доколку го искористите Вашиот глас да им помогнете на безгласните, Вашата сила за да им помогнете на немоќните, горди на Вас нема да бидат само родителите, туку сите оние на кои сте успеале да им помогнете. Не е потребна магија за да се направат промени во светот. Потребната енергија за промени ја носиме во нас самите, им порача советничката Крстеска.
На свеченоста свое обраќање имаше и директорот на училиштето кој им посака успех во иднина. Во рамки на свеченоста беа доделени и посебни плакети за значаен успех и придонес за афирмација на училиштето.