Апокалиптични сцени покажуваат застрашувачките снимки од Хаваи по пустошот што го напарави шумскиот пожар на островот Мауи. Најмалку 36 лица загинаа во шумските пожари што опустошија делови на хавајскиот остров. Пожарите предизвикани од ветрот го зафатија градот Лахаина, западен Мауи, што предизвика евакуација на жителите, изјави градоначалникот Ричард Бисен Џуниор.
-Нашиот главен фокус сега е да спасуваме животи – изјави Бисен.
Вршителката на должноста гувернер, Силвија Лук, прогласи вонредна состојба и ги повика луѓето да не патуваат на островот
-Ова место во моментов не е безбедно – порача Лук.
Воздушното видео од крајбрежјето на Лахаина покажува стотици домови и деловни објекти срамнети со земја, вклучително и на улицата Фронт каде што најчесто се собираа туристите.
Купишта урнатини што чадат лежат натрупани високо покрај брегот, бродовите во пристаништето се изгорени, а сив чад се издигнува над голите скелети на јагленисани дрвја.
Според Скај њуз, луѓето масовно скокнале во океанот за да се спасат од пожарот кој го проголтува островот, а три лица при бегството добиле критични изгореници.
-Преттрпевме ужасна катастрофа од шумскиот пожар кој во голема мера се прошири како резултат на ураганските ветрови и сувите услови во регионот. Мауи и Големиот остров доживеаја катастрофални пожари. Голем дел од Лахаина на Мауи е уништен, а стотици локални семејства се раселени – рече гувернерот на Хаваите, Џош Грин.
Снимките објавени во текот на ноќта покажуваат дека пламенот зафаќа бројни згради во историскиот центар на градот, кој датира од 18 век и е наведен во Националниот регистар на историски места. Некои блокови згради беа целосно претворени во пепел.
Повеќе од 2.100 луѓе ја поминаа ноќта во четири засолништа на островот. Аеродромот Кахулуи, главниот аеродром во Мауи, засолни 2.000 патници чии летови беа откажани или кои неодамна пристигнаа на островот.
Националната метеоролошка служба соопшти дека ураганот Дора, кој минувал јужно од островскиот синџир, е причина за ветрот од 97 км/ч кој го разгоре огнот со катастрофални последици.
Ветерот го прекина доводот на струјата и ги запре гасните хеликоптери. Како што посочуваат локалните власти, во моментот „еден пожар е под контрола, вториот е 60 отсто локализиран, а третиот, во близина на хотелот „Мауна Кеа ресортс“, се уште гори.