Тројца мажи на средни години од Србија се заразени со глувчја треска и лептоспироза, а како што објавија српските медиуми, тројцата мажи го поминале изминатиот период во шума и на планина.
Како што објаснува српскиот д-р Бранислав Тиодоровиќ, глувчјата треска се јавува многу ретко, но луѓето треба да бидат секогаш внимателни во одредени ситуации, особено кога станува збор за чување на храната што ја јадеме.
Глувчјата треска предизвикува вирус, а лептоспирозата е бактерија. Симптомите се многу слични, заболените имаат висока температура, силни главоболки, но и оток на лицето. И кај глувчјата треска и кај лептоспирозата на удар се бубрезите, а страда и црниот дроб.
– Оваа болест глувчја треска најчесто се јавува во есен, а може да се јави и во текот на летото. Како што објаснуваат лекарите, заразата обично се јавува во селата, на планините, каде што се чуваат овци, стока. Полските глувци сега ги има во зголемен број, а тие можат да направат сериозен проблем ако лошо ја чуваме храната како што е млекото, односно сирењето и кашкавалот. Тие можат да ја заразат храната, а најопасно е тоа што уринираат преу млекото и сирењето. Кога некој јаде од таа храна може да се зарази – објаснува д-р Тиодоровиќ.
Предизвикувачкиот агенс е Хантаан вирусот, а природниот резервоар се разните видови глодари како што се полските глувци кои го шират вирусот преку својот секрет.
Човек може да се инфицира преку респираторниот тракг и дигестивниот систем, а д-р Тиодоровиќ уште еднаш повторува дека сирењето е најопасна храна доколку не е доволно добро заштитена.
– Сирењето е најопасно. Се сеќавам на епидемијата во Црна Гора во која учествував и јас самиот во 1983 година. Тогаш глувчјата треска пронајде пат до градовите токму преку сирењето. Затоа, треба да се обрне внимание на чувањето на храната, а особено на млечните производи. Исто така, луѓето кои проаѓаат време во природа, оние кои собираат печурки или собираат паднати овошки под дрвата, треба да водат сметка да не бидат заразени со болеста – објаснува д-р Тиодоровиќ.