Европската фудбалска федерација (УЕФА) го одложи вечерашниот натпревар меѓу АЕК и Динамо од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, кој требаше да се одигра вечерва во 20:45 часот во Атина. Причина се големите навивачки нереди, кои се случија ноќта пред натпреварот. Навивач на АЕК (29) загина по судир со хрватските навивачи во Атина, потврди грчката полиција. Грчките власти тогаш побараа натпреварот да се одложи, а УЕФА го одобри нивното барање.
После тоа, УЕФА одлучи за нови датуми за двомечот. Првиот натпревар меѓу Динамо и АЕК во Загреб ќе се игра според првично закажаниот термин, во вторник на 15 август од 20 часот, а УЕФА им предложила на клубовите, одложениот натпревар во Атина да се игра во сабота на 19 август, што беше прифатено. Од управата на Динамо Загреб ја потврдиле информацијата, пренесуваат хрватските медиуми. Двата натпревари ќе се играат без гостински навивачи.
Во крвавиот инцидент меѓу двете навивачки групи во Атина, ноќта меѓу понеделникот и вторникот, едно лице го загуби животот, уште осум се повредени, а меѓу нив има и 12-годишно девојче кое било во блиското кафуле. Уапсени се речиси 100 лица, повеќето од Хрватска кои допатувале во Атина, иако УЕФА забрани присуство на гостински навивачи на овие натпревари.
Хулиганите од Загреб со помош на братскиот навивач на групата „Гејт 13“ која го поддржува ривалскиот Панатинаикос, направиле хаос на улиците на Атина. АЕК го посочи Динамо Загреб како виновник за смртта на нивниот навивач.