Притвор од 30 дена доби маж кој е осомничен дека силувал 12-годишно дете во Гевгелиско, соопшти Јавното обвинителство.
Гевгелиското обвинителство донело Наредба за спроведување истражна постапка против лице со двојно македонско и холандско државјанство, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Силување на дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 4 август, во неговата куќа во Гевгелиско, извршил полово дејствие врз дете родено 2011 година, искористувајќи го моментот кога детето останало само со него во куќата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори или ќе го доврши кривичното дело.
Предлогот е прифатен и со решение на Судот на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.