Некои планински области на западот на Австрија денеска беа под снег, и тоа насред лето. Станува збор за две сојузни држави во срцето на Алпите, Тирол и Форарлберг, јавуваат австриските медиуми.
Весникот „Кронен цајтунг“ под наслов „Во Австрија падна снег“, „Задолжителни синџири на западот“ и супернаслов „Иако е август“ ги предупредува Австријците дека на патиштата на алпската планинска група Силврета, на границата меѓу Тирол и Форарлберг на 2.032 метри надморска височина и на наплатните пунктови Билерхохе, во општина Партенен на 1.051 мнв., задолжителни се синџири за сите моторни возила.
Секако е неверојатно, ако се земе предвид дека ова е почеток на август и дека многу не само локални, туку и странски туристи во овој момент одат високо на Алпите за малку да се разладат и да дишат на чист воздух. И да избегаат од годинешниве неподносливи летни горештини во Австрија.
Затоа, како што објави „Кронен цајтунг“, поради снегот од вечерва е затворен популарниот туристички панорамски пат (Passstraße), со многу опасни кривини, кој води преку превојот од долината Монтафон во Форарлберг долга 39 километри до долината Пазнаунтал во Тирол.