Потребен е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Потребен е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Говорејќи за уставните измени, кои се дел од преговарачката рамка и услов за одржување на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со ЕУ, за ставот на опозицијата дека не прифаќа „уставни измени под бугарски диктат“, но и за политичките превирања во ДУИ и како сето тоа ќе влијае на овој процес, Ковачевски нагласува дека пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, како што рече, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче.

Во продолжение пренесуваме делови од интервјуто на премиерот за МИА.

Како ќе ја убедите опозицијата, која ви е потребна за двотретинско мнозинство, кога таа отворено вели „не за уставни измени под бугарски диктат“.  Тие велат за ништо не биле контактирани. Дали  се е прекинато и фокусот се само предвремени избори?

-Зарем треба за доброто на граѓаните да се убедуваме? Не гледам зошто би имало потреба за убедување, секоја политичка партија треба да покаже одговорност пред граѓаните и државата. Пратениците во Собранието се избраници на граѓаните, а граѓаните сакаат во ЕУ. И тоа не го кажувам јас, тоа го има како податок во секое едно истражување.

Опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација. Не треба да се замајуваат граѓаните со флоскули или со невистини. Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку.

За нас државни теми се членството во ЕУ и економскиот напредок, а темата за предвремени избори е одамна затворена. Сепак, водејќи се од државниот интерес, на лидерската средба ја понудив оваа опција како можност за опозицијата да ги поддржи уставните измени. Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори, и тоа е јасно.

Пратениците сега имаат многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

Преговарачката рамка е таа, поддржана од 27 земји-членки,  во неа се содржани уставните измени, како услов за втората меѓувладина конференција, нема преговарање околу неа ќе кажете и вие и европските претставници, но нема ниту гаранции дека Бугарија понатаму нема да не блокира. Што доколку уставните се само почеток во влегување на еден бескраен вртолог од нови барања?

- Advertisement -
Ad image

– Нема простор за загриженост, иако ги разбирам стравувањата, особено после одредени чекори и провокации кои беа на штета на односите меѓу двете земји. Но, со европски политики и одговорност од двете страни, може да се стигне и до европски односи. Тезата која ја наметнува опозицијата е манипулативна и има двојна цел. Од една страна да ги доведува во заблуда граѓаните, да си поигрува со нивните емоции. Од друга страна да создава алиби за својата неодговорност затоа што немаат аргументи како да ги бранат своите обиди за блокади. Особено сега, кога целата содржина на предложените уставни измени е објавена и достапна, никој нема ниту една забелешка, ниту има нешто против.  Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има.

Јасни беа и пораките од меѓународна заедница дека нема да има нови барања. Како пример, канцеларот Олаф Шолц за време на нашата заедничка средба, но и потоа јавно посочи дека за Германија нема никакви дилеми дека нови барања надвор од утврдената Преговарачка рамка не може да има. Да потсетам тоа беше децидно кажано и во Декларацијата на германскиот Бундестаг.  Дека нема пречки за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања нема да го одредат пристапниот процес на земјава кон членство во Унијата е и ставот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.

Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка.

- Advertisement -
Ad image

Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните.

Дали е стабилна владината коалиција, ДУИ се соочува со отцепување на членови, Изет Меџити на 13 август го најави официјализирањето на Демократското движење, функционери на ДУИ се ставени на црната листа на САД. Колку потресите кај интегративците влијаат врз процесот за уставните измени, и воопшто во албанскиот политички кампус?

-Коалицијата е стабилна и не очекуваме промени во правецот на делувањето на проевропските партии во однос на уставните измени. Верувам дека сите парламентарни партии, сите пратеници поединечно се свесни за важноста на историскиот момент и исправноста во носењето на правилната одлука којашто ќе го трасира нашиот европски пат.

Собранието е местото каде во минатото сме ги носеле клучните одлуки кои ја одредувале судбината и иднината на државата. Така ќе биде и сега. Пратениците треба добро да размислат и да донесат историска одлука – дали ќе го дадат својот глас за Европа или ќе даде глас за изолација, дали ќе одлучи за подобра иднина и просперитет или за заробување во минатото.

Очекувам искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, каква што ни доликува, а со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори.

Share This Article