Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски денеска информира каде завршиле 171 милион евра кои владата ги префрли на сметката на компанијата за го амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното.
– Од нив околу 65,9 милиони евра се исплатени на Те -То за откупена електрична енергија и околи 6 милиони евра се искористени за набавка на гас за обезбедување парно. вкупно 2,7 милиони евра се потрошени за набавка на јаглен, скоро 32 милиони евра за мазут на термоелектраната Неготино, а 36 милиони евра за набавка на електрична енергија од странтво. На МЕПСО му се префрлени 12 милиони евра за повлечената енергија од европскиот систем – рече Ковачевски.
АД ЕСМ, додаде тој, беше принуден да набави енергија во неколку месеци, пред се во ноември кога имавме пожар предизвикан од надворешни фактори на трансформаторот на РЕК Битола, поради што беше исклучен Блок 3 од мрежата од безбедносни причини.
-Понатаму во текот на зимскиот период наидовме на проблеми при набавка на мазут и на дополнителни количини јаглен, а предизвикано од енергетската криза поради која на пазарот не можеше навремено да се добават енергенси. Во одредени денови бевме присилени да го спуштаме нивото на производство и да дополнуваме со набавена енергија. Не се набави голема количина на енергија, но со оглед на енормниот скок на цените на берзите, таа енергија нас не чинеше многу, многу повеќе од тоа што биле одредени набавки по потреба во минатото – појасни Ковачевски.
Ковачевски соопшти и дека веќе се завршени договорите со ТЕЦ Неготино и Те-То.
– Во изминатите 3 до 4 месеци овие два капацитети многу помогнаа во системот и со нивното интегрирање во работењето на АД ЕСМ се заштедија 31 милион евра. Од денеска ЕСМ продолжува да снабдува само преку своите капацитети-два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана КОГЕЛ Скопје, хидроелектраните и ветерниот парк. Со ова производство се задоволува конзумот на домаќинствата и малите потрошувачи – рече Ковачевски.
Најави дека АД ЕСМ ќе продолжи да инвестира во нови капацитети и со тоа, како што кажа, ќе ја зголеми инсталираната моќ од сега постојните 1.420 на 1.760 мегавати.