Македонија е под сериозна закана утре по 15 часот да биде зафатена од силно невреме налик на тоа што вчера и денеска ги зафати Словенија и Хрватска, каде што спасувачите бијат битка со надојдените води за да ги спасат заглавените лица.
Како што информираат синоптичарите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нестабилното време со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд, ветер и електрични празнења, треба да пристигне во земјава од Јадранското море преку Албанија.
Ленче Ризова од УХМР вели дека интензинтетот на невремето во Македонија ќе биде послаб од тој во Словенија, но сепак апелира до граѓаните да бидат внимателни.
– Овој фронтален систем постепено се поместува и утре од пладне го очекуваме во нашата земја. Веќе од попладнето, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има нестабилност на повеќе места. Таа ќе биде проследена со поинтензивни процеси во форма на невреме со поинтензивен дожд и за шест часа некаде ќе наврнат и над 20 литри на метар квадратен. Ќе има и силен ветер, електрични празнења – вели Ризова за Канал 5.
Од недела следува период на посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и северозападен правец.
Плусинфо денеска ја објави прогнозата на метеопрогнозерот Славчо Попоски кој вели дека прво Словенија, потоа Хрватска, Јадранот, Босна и Херцеговина, Црна Гора и соседна Србија, а потоа и Македонија утре попладне и навечер, ќе бидат зафатени од студен фронт од север кој ќе предизвика силно невреме.
– Од ова невреме во поголем дел од Македонија се очекуваат поројни врнежи од дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења, силен ветер, како и појава на град кој локално би можел да биде и крупен. Токму поради ова апелираме на крајна претпазливост – рече Попоски.
Од ЈП Водовод и канализација соопштија дека екипите на секторот Канализација при ЈП Водовод и канализација во текот на утрешниот ден ќе спроведат и дополнителни активности за расчистување на сливниците и шахтите на критичните точки и сите подвозници во градот, со цел непрекината функционалност на атмосферската канализациона мрежа.
Како што најавија, овие активности, покрај редовните активности за одржување на канализационата мрежа, ќе бидат спроведени во согласност со податоците на УХМР и најавите за невреме во текот на утрешниот ден.
Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје истакнаа дека се подготвени за интервенции и навремени реакции и во текот на утрешниот ден, во согласност со условите и во зависност од интензитетот и количината на водениот талог, со цел задоволување на потребите на граѓаните и градот Скопје.