Кандидатот за албански премиер, со кого ДУИ се натпреваруваше на последните парламентарни избори, Насер Зибери, ја поддржува одлуката на лидерот на оваа партија Али Ахмети да се откаже од договорот за прв албански премиер во последните три месеци на владата на СДСМ-ДУИ, доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи да гласа за уставните измени.
Зибери во интервју за весникот ЛАЈМ вели дека Ахмети го жртвува ветувањето за „албанскиот премиер“ за поголем државен и национален интерес, како што е отворањето на патот на земјата кон членство во Европската Унија.
– Претпоставувам дека претседателот на ДУИ ја има разгледано оваа работа и дека најголем интерес на Албанците и на општеството воопшто е почетокот на преговорите за уставни измени како услов без кој не можат да започнат преговорите со ЕУ. Сето ова е во функција на убедување на најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени. Ова е резултат на таа средба Ковачевски-Мицкоски на која ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, бараше Влада без ДУИ. Претпоставувам дека Ахмети сака на некој начин да му ја фрли топката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и да го остави без аргументи зошто сѐ уште одбива да ги поддржи уставните измени. Што се однесува до прашањата, дали се чувствувам изманипулиран – и да сум на чело на ДУИ, во ситуација кога два интереси се еднакви, би го избрал поголемиот интерес, општиот, а не теснопартискиот. Се жртвува интерес, односно се откажува од партиски интерес за општ, државен, национален итн. Во оваа насока, јас сум тотално на истото мислење – вели меѓу другото Насер Зибери.