Во шпицот на летната сезона кога голем број Македонци се на одмор во Грција, таму само во изминатата недела регистрирани се осум случаи на заразата што ја пренесуваат комарци наречена Западен нил, со што бројот на инфекцирани се зголеми на 11, а има и двајца починати кои се повозрасни.
Објаснувањата на лекарите се дека иако лесно не можеме да се заштитиме од комарци, крлежи или други инсекти, треба да се внимава, особено на децата. Инфектолозите велат оти не секој комарец пренесува инфекција и не секоја инфекција може да донесе сериозни компликации.
Западна нилска треска од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи миожноста за пренесување преку трансфузија и трансплантација на органи. Заразата во најголем број на случаи не се манифестира, а кај околу 20 проценти предизвикува треска која минува сама од себе. Сепак, кај мал процент од луѓето може да предизвика тешка клиничка слика и да биде смртоносна предизвикувајќи воспаление на мозокот, на мозочните обвивки или појава на парализи. Кај тешките случаи, стапката на смртност е од 3-15% и се зголемува кај повозрасните категории.
За западен нил не постои специфична терапија, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите.