Марк Џексон, поранешен кошаркар и долгогодишен аналитичар на престижниот американски ESPN канал, доби отказ од телевизијата.
Џексон ја извести јавноста дека повеќе нема да работи за ESPN, но не ги откри причините поради кои познатата медиумска компанија одлучила да ја прекине долгогодишната соработка.
„Утрово неочекувано бев информиран дека моите услуги повеќе не му се потребни на ESPN. Додека сум шокиран и вознемирен од ненадејната акција, би сакал да им се заблагодарам на ESPN и на целиот персонал на тимот на NBA ESPN што ми дозволија да бидам дел на организацијата во изминатите 15 години“ – објави Џексон на Твитер.
Оваа вест сигурно ги израдуваше навивачите на Денвер нагетс кои беа згрозени од известувањето на ESPN за актуелниот шампион и нивниот МВП Никола Јокиќ. Сметаат дека оваа медиумска компанија конечно ги увидела грешките и решила да ги исправи.
За потсетување, Марк Џексон се најде во центарот на вниманието на светската кошаркарска јавност кога се појави веста дека тој е единствениот од сите новинари што гласаа за престижното признание МВП, кој не му доделил ниту бод на српскиот кошаркар Никола Јокиќ.
Тој срамен потег предизвика крајно бурни реакции во најсилната кошаркарска лига. Легендите на НБА, Чарлс Баркли и Шекил О’Нил тогаш го нарекоа Џексон „комплетен идиот“.
Јокиќ дополнително го посрамоти американскиот новинар со одличните игри во плеј-офот, па по пласманот на Денвер во финалето на Западната конференција, Џекосон јавно му се извини на Србинот што го изоставил во гласањето за МВП.
“Направив грешка со мојот глас за МВП, им се извинувам на Денвер Нагетс и на Никола Јокиќ. Не само што е легитимен МВП кандидат кој го заслужува мојот глас, тој е и еден од најдобрите на сите времиња! Повторно се извинувам” – напиша Џексон во своето извинување објавено на Твитер.