Саудиска Арабија на почетокот на август ќе биде домаќин на мировните преговори за Украина на кои се поканети 30 земји, но без Русија, пишува денеска Ал Џезира.
Тие ќе разговараат за мировната формула од 10 точки, составена од Киев, која повикува на повлекување на сите руски сили, објави Ал Џезира, повикувајќи се на шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Јермак рече дека на самитот во Саудиска Арабија ќе учествуваат претставници од повеќе земји, но не кажа кога и во кој град ќе се одржи.
Американскиот Волстрит журнал, кој прв извести за самитот повикувајќи се на „дипломатите вклучени во дискусијата“, наведува дека разговорите ќе се одржат на 5 и 6 август во градот Џеда, со учество на околу 30 земји.
Весникот објави дека украинските и западните официјални претставници се надеваат дека напорите би можеле да кулминираат со мировен самит подоцна оваа година, на кој глобалните лидери ќе потпишат заеднички принципи за решение на војната.
Јермак на Телеграм објави дека ќе разговараат за украинската формула за мир, која „содржи 10 основни точки, чија имплементација не само што ќе обезбеди мир за Украина, туку и ќе создаде механизми за сузбивање на идните конфликти во светот“.