Најновите модели на паметни мобилни телефони се многу попаметни отколку што си мислевме, особено откако започнаа да спасуваат човечки животи во вистинска смисла на зборот.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) се фасцинирани од новата технологија и објаснуваат дека мобилните телефони сега можат автоматски да препознаваат дали нивниот сопственик доживеал сообраќајна несреќа, па доколку детектираат некаква опасност, веднаш испраќаат порака до бројот за итни случаи 112, а во пораката ги наведуваат и координатите од местото каде што најверојатно се случила несреќата.
Сепак, посочуваат од ЦУК, можноста за да го претворат својот мобилен телефон во „ангел-чувар“ ја имаат само корисниците на најновите и ексклузивни модели на смартфони, особено од брендот Ајфон.
Со констатацијата дека „новите смартфони вредат за сите пари“ најверојатно нема да се согласат многу родители чии деца постојано настојуваат да се во чекор со технологијата, но дефинитивно ќе се согласи возачот на автомобилот кој во саботата доживеа сообраќајна несреќа на магистралниот пат Велес-Штип, а чиј мобилен телефон автоматски испратил порака до бројот за итни случаи 112.
„Утрово во 04:20 часот на Единствениот европски број за итни случаи 112 во ЦУК пристигна говорна порака на англиски јазик од автоматска секретарка на мобилен телефон, најавувајки сообраќајна незгода. Благодарение на најновата технологија, телефонот овозможува при излетување на возило, до Единствениот европски број за итни случаи 112 да стигнува автоматска порака дека во моментот се случува незгода. Повреденото лице поради сериозноста на повредите е пренесено во Хируршките клиники во Скопје, но токму поради автоматската порака, успеавме навреме да реагираме и да го спасиме возачот кој беше заглавен во возилото“, објави ЦУК во саботата.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, подоцна објасни дека возачот поседувал Ајфон 14 кој бил подесен да побара помош доколку детектира излетување на возилото од патот.
– Неговиот телефон, од поновите модели Ајфон 14, автоматски детектирал удар и испратил порака до 112. Операторот ја преслушал пораката која била на англиски јазик и воедно ги добил координатите каде што имало индиции дека се случила некаква несреќа. Веднаш потоа стапиле во контакт со МВР, па полициска патрола веднаш се упатила на местото за кое имавме индиција. Патролата за кратко дошла на местото по координатите и таму го нашле возилото излетано од пат и човекот кој бил сериозно повреден – изјави Ангелов.
Опцијата за препознавање на незгода фукционира на тој начин што кога телефонот ќе ја детектира незгодата се огласува со аларм и прикажува предупредување на екранот. Ако сте во можност, можете да изберете да повикате служби за итни случаи, а доколку сте заглавени, во бесознание и не можете да одговорите, тогаш вашиот уред автоматски ги повикува службите, испраќајки им порака, како и координати за лоцирање.
Без разлика на оперативниот систем на смарт телефонот, постојат повеќе апликации и опции за во итни ситуации, доколку повреденото лице не е во состојба да повика помош, на брз начин да го добие бројот 112.
Освен поновите модели на мобилни телефони, опцијата за повикување помош при сообраќајна несреќа е сѐ почесто вградувана и во поновите модели на автомобили, особено на оние кои важат за ексклузивни и кои се произведени по 2020 година.
Токму еден таков автомобил кој поседувал „СОС“ опрема викендов спаси човечки животи по тешка сообраќајна несреќа што се случи на крстосницата Струга-Охрид, во близина на бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Како што објаснуваат од ЦУК, на бројот за итни случаи 112 била побарана помош за повредено лице во возило од сообраќајка преку „СОС“ копчето.
– Лицето во моментот на јавувањето било снеможено и ја повторувало само локацијата на сообраќајката. Во момент кога операторот од 112 во ЦУК остварувал врска со Итната медицинска помош и со МВР, околу возилото пристигнале и граѓани кои ја забележале сообраќајката и дошле да помогнат. Операторката од ЦУК стапила во врска со еден од граѓаните којшто ѝ ја опишал ситуацијата, зашто возачот не можел да зборува и не се слушал добро на автоматскита аудио опрема што била вградена во неговото возило. Брзо реагирала Итната медицинска помош и полицијата и возачот бил спасен – велат од ЦУК.
Инаку „СОС“ копчето, при поголем удар на возило, во коешто е вградено, е програмирано автоматски да дава информација на Единствениот европски број за итни случаи 112 во било која европска држава и пошироко, дека најверојатно се случила сообраќајна незгода, а лицето што го управува автомобилот не е во состојба да се јави.
– Тоа копче може и случајно да се вклучи, но по остварениот контакт со операторот на Единствениот број за итни случаи 112 на ЦУК, обично јавувачите до сега се извинувале, со благодарност за контактот и го исклучувале „СОС“ копчето – посочуваат од ЦУК.
Спасен Романец во Гевгелија со примен повик на 112 во Грција
Во соработка со грчкиот Единствен број за итни случаи 112 беше спасен романски државјанин кој имал опасни проблеми со срцето, со давање итна медицинска помош, а престојувал во Гевгелија, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Конкретно, како што велат оттаму, неговиот повик за помош, најверојатно поради близина на границата, прво бил примен од број 112 на базна станица во Грција, но поради тоа што сите држави коишто го имаат Европскиот единствен број за итни случаи 112 соработуваат и се во меѓусебен контакт, колегите од грчката служба веднаш оствариле контакт со македонската служба 112 во ЦУК.
– Веднаш, согласно оперативните процедури, е координирана акцијата за интервенција на Итната медицинска помош од Гевгелија и романскиот граѓанин е спасен со итно давање медицинска помош. Овој случај на меѓугранична, односно меѓудржавна соработка на две држави за спасување на граѓанин од трета држава ја отсликува можноста за спасување животи на граѓани од која било европска земја ако тие се наоѓаат во земја којашто е во системот на Европскиот единствен број за итни случаи 112 – велат од ЦУК.