Цените на нафтата пораснаа и на светските берзи минатата недела, бидејќи трговците се надеваат дека побарувачката ќе остане релативно силна, и покрај предизвиците за економскиот раст и новите промени на каматните стапки од страна на централните банки.
Барелот поскапе на лондонскиот пазар на минатонеделното тргување за 4,8 отсто – на 84,99 долари, а на американскиот пазар за 4,6 отсто – на 80,58 долари.
Движењето на цените минатата недела уследи по одлуките на американската ФЕД и Европската централна банка да ги зголемат каматните стапки за уште 0,25 процентни поени, што – очекувано – дополнително ќе го забави растот на американската економија и економијата во еврозоната.
И покрај негативните показатели, постојат оптимистички проценки дека нема да има рецесија и дека циклусот на покачувања на каматните стапки, кој трае повеќе од една година, е при крај.