Турскиот амбасадор во Косово Сабри Тунч Ангили изјави дека беспилотните летала „Бајрактар ТБ-2“ испорачани на Косово не се донација и изјави дека се подготвени да обезбедат друга опрема доколку тоа е потреба на косовската Влада.
Ангили за приштинските медиуми изјави дека косовскиот премиер Аљбин Курти веќе објаснил дека беспилотните летала се купени и не се донирани.
Амбасадорот додаде дека Турција е стратешки партнер на Косово и ќе учествува во развојот на сите области, вклучително и одбраната.
„Во Косово имаме развиена и важна економска соработка. Инвестициите во Косово се 10 проценти од нашите инвестиции на Балканот. Минатата година Турција стана партнер број еден на Косово и сакаме да имаме економска и комерцијална соработка, ова е важно за нас“, рече Ангили, пренесува Косово онлајн.
На прашањето дали други беспилотни летала ќе пристигнат во Косово, турскиот дипломат рече дека тоа „зависи од потребите на Косово“.
„Тоа зависи од потребите на Косово, но досега најмногу соработувавме со безбедносните сили на Косово преку обука и билатерални контакти. Тоа е она на што најмногу се фокусираме, но доколку Владата на Косово сака дополнителна опрема, тогаш Турција и другите земји од НАТО ќе одговорат на овие потреби. Досега такво нешто не ни беше на дневен ред“, рече тој.
Амбасадорот ги коментираше и тврдењата за амбициите на Турција да преземе клучна улога во Косово, наместо западните сојузници на Приштина.
„Турција го поддржува членството на Косово во евроатлантските институции. Она што го нудиме не е да замениме некого, туку дополнително да придонесеме за Косово“, рече тој.