More

    Мицкоски ѝ порача на власта да не ја прави третата најголема историска грешка

    spot_img

    Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија е единствена точка на дневен ред на седницата на Комисијата за уставни прашања во Собранието, закажана за 10 часот. Вчера се одржа редовна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, на која не присуствуваа пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    Според информации на МИА, Џафери ја повторил постапката за текот на седницата пропишана во Деловникот на Собранието, но конкретен договор или евентуална листа на говорници немало. Очекувањата на дел од присутните на координативната средба се дека Џафери ќе комуницира со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски до пред почетокот на седницата. Според Деловникот дебатата за уставните измени може да трае десет работни дена односно да заврши на 7 или 9 август.

    На денешната седница на Комисијата за уставни прашања, по усвојувањето на дневниот ред, Предлогот во 30 минути ќе го образложи премиерот Димитар Ковачевски, а по него ќе зборуваат пријавените членови и заменици на ова законодавно тело, а потоа право за збор ќе имаат и други пратеници.

    Најавите се дека пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи, како и дека на Комисијата ќе учествуваат и пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која е против уставни измени. Се очекува тие да го образложет нивниот став против уставни измени.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера порача дека нивниот став останува ист и дека тој е поддржан од органите на партијата и од пратеничката група.

    – Нашиот став е аргументиран и до сега непроменет. Не гледам причина под ваков притисок, истиот да биде променет. Тој е поддржан и од органите на партијата, од пратеничката група и очекуваме европско однесување кај нашите стратешки партнери и со една идна влада да седнеме, дел од тие околности кои се проблематични и нас нѐ загрижуваат, да бидат променети – рече Мицкоски.

    Тој потврди дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни во Парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а  членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

    – Ќе бидеме присутни во Парламентот, и кога точката ќе биде ставена на дневен ред, членовите од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Така ќе биде и на самата седница кога ќе се гласа за овие уставни измени предложени од работната група, предводена од Цаца Николовска и доставени во Парламентот. За да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првиот чекор да имаме содржина на истите. Очигледно е дека овие луѓе повеќе сакаат да им слугуваат на Радев и на Бугарија, отколку на македонскиот народ. Нема да поддржиме отворање на иницијатива која што во овој момент ќе значи отворање на Уставот – додаде Мицкоски.

    Прашан за наводните претпоставки дека Џафери ќе ја отвори седницата на 18 август, ќе ја прекине и одложи на неодредено време, додека не го обезбеди двотретинското мнозинство, Мицкоски појасни дека такво нешто нема да има, бидејќи како што рече, „ако мислеа дека тоа е добар политички потег, можеа изминативе година дена тоа да го направат“.

    – Ако се вратиме година дена назад, истите овие луѓе велеа дека во септември ќе бидат тие измени, па помина септември, па велеа на крајот на годината, па помина и крајот на годината, па велеа во февруари. Еве, помина и јули. Овие политичари направија историска грешка за иднината на Македонија и на народот. И сега се пред уште една историска грешка. Ги предупредувам да не ја прават третата грешка по ред, а тоа е отпочнување процедура за која немаат поддршка и нема да ја имаат. Тука не е важен Христијан Мицкоски, важни се граѓаните – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Претседател на Комисијата за уставни прашања по функција претседателот на Собранието Талат Џафери, негов заменик е Арта Биљали-Зендели, членови на Комисијата се Даниела Стојановска Пановска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонијо Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска, Гордана Сиљановска Давкова, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Фиснике Бектеши Шаќири, Ремзи Мехмеди, Ане Лашкоска, а шеснаесет други пратеници се заменици – членови на Комисијата.

    Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена. Член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

    Според соопштението од Собранието, со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седницата за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши меѓу 7 и 9 август. По што, како што стои во членот 196 став 1 од Деловникот, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот, на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но не повеќе од 30 минути вкупно.

    Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови. Доколку го нема потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

    Ако со двотретинско мнозинство, се усвои потребата за донесување на уставни измени, Собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до Владата. Собранието, со заклучокот утврдува рок во кој подносителот односно Владата, изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот, кој го доставува до претседателот на Собранието, по што Собранието во истоветна процедура во смисла на рокови ќе расправа по нив, соопшти парламентарната прес служба.

    Тоа веќе е втората фаза од постапката за менување на Уставот што опфаќа подготовка и утврдување на нацрт-амандманите.

    Деловничките рокови нормираат дека од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Во оваа фаза, претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но повторно – бидејќи секој пратеник може да зборува вкупно не повеќе од 20 минути оваа фаза може теоретски да заврши побрзо од максимално дозволените рокови.

    Откако Парламентот со најмалку 61 глас ќе ги утврди нацрт-амандманите, тие одат на јавна дискусија, што е меѓуфаза пред третата завршна етапа од постапката за измена на Уставот. По јавната дискусија, чие времетраење го утврдува Собранието при усвојување на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги изготви предлог-амандманите. И повторно, од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

    Деловникот предвидува точни рокови за претрес во Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, како и на пленарната седница.

    Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, а за амандманот на Преамбулата освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.

    Ако постапката се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на трите фази ќе требаат најмалку три и пол месеци.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img