Коста К., 13-годишникот кој би девет свои соученици и чувар во основно училиште во Белград го најавил својот масакр меѓу соиграчи со кои онлајн ја играле играта „Валорант“. Српската БИА, Безбедносно-информативна агенција истражува зошто другите соиграчи не го пријавиле Коста К.
БИА смета дека соиграчите не го сфатиле момчето сериозно. Агентите брзо дошле до ИП-адресите на луѓето со кои се допишувал Коста.
– Осомничениот убиец често играше многу насилни компјутерски игри. Еден од нив беше „Валорант“. Секоја од овие игри има своја „соба за разговор“, односно дел каде играчите разменуваат пораки меѓу себе. Експерти од БИА успеале да ја најдат целата преписка на момчето со соиграчите. Шокот дошол кога инспекторите сфатиле дека момчето убиец отворено им кажал на поединечни соговорници во „собата за разговор“ што планира – вели соговорник од БИА за српските медиуми.
– Веднаш била известена полицијата на државата од регионот од каде што се соговорниците. Во тек е истрага која треба да утврди зошто лицата со кои се допишувало момчето не ги пријавиле неговите намери, а ќе бидат сослушани и играчите кои го испровоцирале – додава соговорникот.
Истрагата за Коста К. продолжува. Се чека и извештајот на специјалистите во клиниката каде тој престојува и нивната одлука дали тој треба да биде задржан таму. Српска „Политика“ неодамна напиша дека на прашањето каква мисли дека ќе му биде иднината, момчето на испрашувањето одговорило „не баш нормална“.