Фатмир Лимани, актуелниот потпретседател на Беса и внук на Али Ахмети, во вчерашното интервју за ТВ Алфа рече дека Ахмети злоупотребил пет милиони франци од фондови во Швајцарија, а кои биле наменети за поранешните борци на ОНА. Тој посочи и на огромното богатсво кое го имаат Ахмети и неговите блиски соработници. За пример го даде шоферот на првиот човек на интегративците, кој како што раскажа пред две децении имал куќа која наликувала на штала, а сега дека имал голема вила и огромно дворно место кое го узурпирал.
Лимани е поранешен заменик-директор на ЕСМ, но беше и независен кандидат за градоначалник на Кичево. Тој и самиот беше член на ДУИ со години, а потоа замина поради несогласувања. Неговата поранешна партија ДУИ ја нарече мафијашка групација со „главен извршител Артан Груби“.
За спорот меѓу Македонија и Бугарија Лимани смета дека тоа е несфатлива политика на негирање и дека никој нема право да негира чија било нација.