Дванаесетгодишно момче загина во силното невреме што во петокот вечерта го зафати Нови Сад. Како што неофицијално дознава РТС, станува збор за момче кое излегло од куќата околу 18 часот и кога почнало невремето дошло на адресата каде живее неговата тетка.
Се слушнал вресок, а соседите истрчале и го пронашле момчето под прозорецот од зградата, до инсталации за гас, од каде го преместиле додека не дојде брзата помош. Брзата помош пробала да го реанимира детето, но без успех. Момчето загинало од напонот, но обдукцијата ќе покаже дали од гром или од струен удар.
Во текот на ноќта во Клиничкиот центар во Војводина биле лекувани 30 пациенти. Од цел Србија областа Војводина ги претрпе најтешките последици од невремето. Посебно беа погодени Бачка Паланка и Нови Сад, а значителни штети беа предизвикани и во Футог, Темерин, Зрењанин, но и во Белград, Пожаревац и други градови во Србија.
Припадниците на српското МВР од Секторот за вонредни состојби, најмногу интервенции имале во Нови Сад и Бачка Паланка, каде спасиле пет лица, меѓу кои и една жена која работела во киоск на кој паднало дрво, како и две деца кои биле во автомобил кој исто така бил погоден од паднато дрво.
Во населбата Детелинара во Нови Сад падна кран, а на дел од улицата Хајдук Вељкова се урна покривната конструкција на саемот. Улицата сè уште е блокирана за сообраќај.
Метеорологот Слободан Совиљ утрово зборуваше за ТВ Пинк во Србија, посочувајќи дека и денеска се очекуваат невреме и суперклеточни бури.
– Изразувам сочувство до семејството на починатото момче. Несреќите што беа регистрирани вчера ги очекуваме и денеска. Затоа за одредени делови на Србија веќе е издадено највисоко ниво на предупредување. Ова е централниот дел на нашата земја, Срем, Мачва, Подриње, Поморавље… – рече метеорологот.