Лицата со дијабетес денеска, во 19 часот, пред Министерството за здравство, ќе излезат на мирен предупредувачки протест за безбеден и квалитетен живот. Протестот е во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДСМ), кој повикува тој да не се користи во политички цели.
– По најдолгото трпение, најголемата конструктивност, најпосветени за соработка, по многу инвестирање во нашето достоинство на лицата со дијабетес, завршија сите рокови логички, правни, измислени и смислени игри и манипулации. Заврши времето на лаги на 150.000 граѓани, на 45.000 лица со дијабетес на инсулин. Министерство за здравство ги манипулираа 700 дечиња и млади со пумпи, сетови за пумпи, сензори, глукомери и со терапија. Имаме најиновативна инсулинска и антидијабетска терапија, но не ја добивме – нагласуваат од СЗДСМ.
Тие истакнуваат дека сите рокови се поминати и оти дошло време да си го земат тоа што им следува согласно Уставот, законите и буџетот.
– На овој протест повикуваме на достоинствено однесување, без насилство, нарушување на јавен ред и мир. СЗДСМ како организатор, не поддржува и однапред се оградува од какво било насилство, изрази на омраза, повици на немири и нарушувања на јавниот ред и мир. Ова е протест на лицата со дијабетес и се оградуваме од било какви други ознаки, присвојувања и обиди за негова инволвираност во меѓу партиски, политички и други видови на пресметки – потенцираат од СЗДСМ.
За протестот зборуваше и претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на РСМ, Димче Велев.
– Протест вечерва ќе има, иако од денешната средба со министерот за здравство Фатмир Меџити сум презадоволен. Но, очекувам сѐ што беше кажано и ветено на средбата, да го добијам во писмена форма и со потпис од министерот. Јас и секретарот на Сојузот на здруженија на дијабетичари сме задоволни од она што го слушнавме денеска на средбата со министерот, но важно е сѐ што беше ветено да ни го пратат на електронска адреса писмено и потпишано од министерот и тогаш сите ќе бидеме презадоволни – потенцира Велев за МИА.
Тој вели дека лицата со дијабетес вечерва ќе протестираат пред Министерството за здравство, но не ја отфрли можноста „протестот да премине во прослава“ доколку се реализира сѐ што било кажано на средбата.
– Му кажавме на министерот дека дојдовме да разговараме за аптеките да бидат полни и снабдени за секој пациент што ќе дојде да си го земе тоа што му треба. Нашиот протест е за тоа, не е за друго. Нашиот протест не е со политички барања, не е со флоскули, туку е реален живот, за здравјето на граѓаните – додаде Велев.
На средбата министерот најавил и дека при крај е анализата за пронаоѓање модел за да се избегнат досегашните проблеми.
– Министерството за здравство побара разбирање од пациентите за оваа состојба која вети дека во брзо време ќе биде надмината, а министерот Меџити истакна дека по преземање на функцијата максимални ќе се заложи ваквите застои во набавките повеќе никогаш да не бидат случај – соопшти Министерството за здравство по средбата со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари.