Тамара Тодевска ја објави својата нова песна „Торнадо“. Текстот е дело на српската пејачка и кантавторка Ана Радоњиќ (Зое Кида), додека за музиката и аранжманот беа задолжени Тамара и нејзиниот долгогодишен соработник и пријател Лазар Цветкоски.
Спотот за песната го работеше продукцијата Дивижн (Division), а тој се снимаше во текот на јуни на неколку локации низ Скопје.
„Торнадо“ е вториот сингл на Тамара годинава, во кој има повеќе боја, побрз ритам и позитивна енергија, соодветни за топлите летни денови.
– „Торнадо“ е нашата нова музичка приказна, а јас сум пресреќна што создадовме песна и спот, кои се исполнети со брз ритам и убава енергија. Тоа најмногу ни треба во периодов во кој живееме! Задоволна сум од целосниот производ, од песната и од спотот и искрено верувам дека истата ќе и се допадне на мојата публика, како во Македонија, така и низ земјите во регионот – посочува Тамара.
Спотот на одличен начин ја доловува „Торнадо“. Во истиот учествуваат повеќе танчери, додека главен кореограф е Дејан Битровски. Целата танцова екипа, придружувани од Тамара споделуваат неверојатна енергија и емоција.
Песната и видео – записот се издадени од АДА Варнерс Рекордс, а „Торнадо“ e достапна и на сите дигитални музички платформи.
Тодевска изминатиот период имаше повеќе концерти низ Македонија, а со свои медиумски гостувања и настапи беше активна и во земјите од регионот, како и на неколку предевровизиски настани.