Во најновите резултати од истражувањето на Балканскиот барометар 2023 година на Регионалниот совет за соработка, албанските граѓани мислат дека нивната земја е покорумпирана во споредба со сите други земји од Западен Балкан.
– Oд испитаните албански граѓани 38% сметаат дека корупцијата е важен проблем за економијата на земјата. Оваа перцепција е највисока во регионот во 2023 година, со разлика од 12 процентни поени со Босна и Херцеговина и Македонија со ист процент од 26%. Четврта е Црна Гора и петта Србија каде показателите се 25%. Граѓаните на Косово имаат најниска перцепција за корупција во Западен Балкан, со 22%. Просекот на ниво на регионот е 27%, јави Ора њуз.
Процентот на албанските граѓани кои сметаат дека корупцијата е вознемирувачка за економијата на земјата е значително зголемен во споредба од пред една година, кога показателот беше 27%, а земјата беше на трето место по Босна и Херцеговина (34%) и Србија (28%).
– Споредено со другите балкански земји, единствено Албанија претрпела толку високо влошување на перцепцијата за корупција. Северна Македонија бележи благ пораст од еден процентен поен, додека во другите земји е намалена перцепцијата на граѓаните за корупција, особено во Босна и Херцеговина, додава телевизијата.
Дури 50% од албанските граѓани вклучени во истражувањето, искажуваат загриженост за економијата. Сепак, ова ниво е трето во регионот, по Македонија (55%) и Црна Гора (51%).
Деновиве и високата државна контрола потврдила дека економската штета на државниот буџет од корупција во Албанија изнесува над 700 милиони евра.
Претходно медиумите пренесоа дека според Балкански барометар над 49% од албанските граѓани мислат дека треба да живеат и работат во странство.