ММФ предупредува на поскапување на храната по одлуката на Русија
Меѓународниот монетарен фонд денеска соопшти дека повлекувањето на Русија од Црноморскиот договор за жито ја влошува перспективата за глобалната безбедност на храната и ризикува зголемување на цените на храната, особено за земјите со ниски приходи, пренесува Ројтерс.
„Суспендирањето на иницијативата влијае на снабдувањето со храна за земјите кои во голема мера се потпираат на пратките од Украина, особено во Северна Африка, Блискиот Исток и Јужна Азија“, соопшти ММФ.
„Ова ја влошува перспективата за безбедноста на храната и ризикува да ја зголеми глобалната инфлација на храната, особено за земјите со ниски приходи“, велат тие.
Русија во понеделникот објави дека го суспендира своето учество во клучниот договор што овозможи извоз на украинско жито. Договорот, кој беше потпишан со посредство на Турција и Обединетите нации во јули 2022 година, официјално требаше да истече на тој ден, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот на новинарите им рече дека Русија нема да го обнови.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен минатата недела ја обвини Русија дека го користи овој договор „како оружје“. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во понеделникот за Си-Би-Ес изјави дека „Русија полека ја убива иницијативата за жито, од едно до друго продолжение“.
„Цените на житото ќе растат ширум светот, а луѓето во најранливите региони на Азија и Африка ќе го почувствуваат тоа“, рече тој.