Претседателот Стево Пендаровски не е оптимист по однос на прашањето за уставните измени. Тој изрази сомневање дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени ставот и ќе гласа за нив. Уверен е дека во противењето, поточно во кочењето на евроинтегративниот процес на земјата, партијата гледа шанса да дојде на власт. Странските дипломати, вели претседателот, им укажуваат на опозиционерите за сите последици од нивниот став, но не им вршат притисок.
– Јас сум еден од ретките, да не речам единствен од оваа структура што сега е на власт кој вели дека според изјавите што доаѓаат од опозицијата, во овој момент е јасно дека нема две третини. Јас не велам дека не се разговара со пратеници, но од она што го гледам од средствата за јавно информирање, не можам да видам дека таму се менува расположението макар и кај еден пратеник, за да можам да тврдам дека ќе има уставни измени. Велам треба да има, императив е да има, затоа што ако нема, ние практично остануваме во една посебна подгрупа со Босна и со Косово. И ако до 1 декември не го смениме Уставот, можно е Албанија и Црна Гора да тргнат забрзано кон Европа, а ние сами себе да се блокираме, потенцира претседателот во интервју за „Слободен печат“, пренесува МИА.
Според Пендаровски, доколку не се случат уставните измени, државата нема да пропадне, но не може да напредува како што би напредувала кога би била во европските интеграции, би ги користела сите фондови и совети за да има просперитет и во економијата, социјалата, политиката, културата, владеењето на правото.
– Ако сме оставени сами да се реформираме со тоа што го имаме како знаење и демократски услови, ние ќе се реформираме два до три пати подолго отколку кога би биле во преговорите и би учеле од најдобрите, вели Пендаровски.