Предводникот на „огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити, кој од вчера не е пратеник на „интегративците“ и кој за 13 август најави формирање на нов политички субјект, вели дека го молел партискиот лидер Али Ахмети да не дојде до поделба на партијата.
– Не ме слушаше, а сега веќе нема што да си кажеме повеќе. Немаме комуникација повеќе од 7-8 месеци. Тој не комуницираше со мене, но и јас не комуницирав со него. Ги знаеме одговорите еден на друг. Многупати сме дебатирале за нив, сум се трудел, сум го молел до Бога да не дојдеме до оваа ситуација. Сега таа дебата е исцрпена, нема за што да разговараме – рече Меџити за ТВ21.
За објавата на Артан Груби на Фејсбук со стихови во која првиот вицепремиер вели: „Потребен сум им како кислород“, Меџити вели дека е „многу ниско ниво и провокација“.
Тој потсетува дека неговата група во Собранието на Македонија има тројца пратеници – тој, пратеничката Мерита Коџаџику и досегашниот независен Кастриот Реџепи.
– Имаме тројца пратеници… Мнозинството сега е кревко. Не ме чуди што имаат проблем со 61 глас. А тоа мнозинство преживеа благодарение на господинот Реџепи – рече Меџити.