Бројката на отсутни ученици и наставници на дневно ниво е околу 0,02 проценти, што не значи дека сите тие се отсутни поради ковид-19, изјави вечерва министерот за образование и наука Јетон Шаќири во гостувањето на Сител.
Тој истакна дека ќе ги почитуваат одлуките што ги носи Комисијата за заразни болести кои се однесуваат на образовниот процес, но лично тој смета дека сè уште е рано да се следи настава без маски.
– Имаме секојдневна комуникација со сите основни и средни училишта. Бројките на отсутни наставници и ученици во сите основни и средни училишта се движат околу 0,02 на дневна основа, што не значи дека сите тие се болни од ковид-19. Сите учесници во образованиот процес да ги почитуваат препораките за заштита од ковид-19 и надвор од училиштата затоа што, според епидемиолошките анкети, има случаи во кои лицата позитивни на ковид изјавиле дека имале контакт за време на викендот – рече министерот.
Во однос на реакциите на дел од родителите дека како дел од препораките да се отвораат прозорци за време на наставата, Шаќири е со став дека проветрувањето на училниците треба да се прави за време на одморите.
Прашан дали реформата со дигиталните учебници ќе продолжи, Шаќири рече дека многу важно ќе биде во следниот период да се земат предвид проценките на сите чинители во овој процес. Негов личен став е дека покрај дигиталните учебници, децата треба да имаат и печатени учебници.
Тој истакна дека е отворен за дијалог со сите засегнати страни со цел да се креира долгорочна стратегија во образованието.