Кристијано Роналдо не е во најсилните фудбалски лиги откако реши да замине во Саудиска Арабија, но се уште е во центарот на вниманието поради своите настапи и изјави.
Неговиот клуб Ал Наср во понеделникот одигра пријателски натпревар против Селта Виго и загуби со 5:0. Роналдо тогаш тврдеше дека фудбалските лиги во Европа стануваат се послаби.
Тој рече дека нема шанси повторно да заигра клупски фудбал во Европа, дека тој е причината за доаѓањето на многу светски ѕвезди во Саудиска Арабија, а тамошната лига е подобра од МЛС во која неодамна се приклучи Лионел Меси.
„Нема шанси да се вратам во европските клубови, имам 38 години. Европскиот фудбал изгуби многу квалитет. Единствената лига која е сепак добра е Премиер лигата, далеку е пред другите“, изјави капитенот на португалската репрезентација коментирајќи ја силата на саудиското првенство, односно го спореди со МЛС каде Меси сега е неговиот најголем ривал.
Тој повторно го разгоре огнот во ривалството со Лео Меси.
„Саудиската лига е подобра од МЛС. Сите играчи доаѓаат овде, а следната година ќе ги има уште повеќе, а таа лига ќе биде подобра од турската и холандската лига. Ме критикуваа кога дојдов на саудиското првенство, но што се случува сега? Ја отворив вратата и сега сите играчи доаѓаат овде. Мојата одлука да дојдам беше пресудна за нивното доаѓање. Тоа е факт, тоа е 100 проценти вистина. Така е“, изјави Роналдо, а потоа додаде:
„Кога дојдов во Јувентус, Серија А беше мртва. Ја оживеав. Каде и да оди Кристијано, буди голем интерес“
Сепак, неговиот Ал-Наср загуби синоќа од Селта со 5:0, екипа која едвај обезбеди опстанок во „слабата“ Ла Лига.