More

    На околу 50.000 домаќинства пелетите им се удрија од џебот

    spot_img

    Нов удар доаѓа зимава за граѓаните кои се затоплуваат на пелети или планираат оваа зима да го променат затоплувањето со овој тип на енергенс. Владата предложи да го зголеми ДДВ-то од 5 на 18% на пелетите, печките на пелети и котлите за затоплување на овој енергенс.

    Објаснувањата од владата е дека пониската стапка на оданочување за пелетите била дел од мерките за справување со енергетската криза, која е веќе надмината, но и за преминување на други поеколошки извори на загревање на домовите на граѓаните.

    Граѓаните кои изминатиот период поради субвенциите на владата преминаа на ова затоплување се револтирани што секоја година нивното греење поскапува.

    Експерти велат дека ова е погрешен потег на владата, бидејќи не сите можат да воведат нов поекономичен начин на греење – топлински пумпи, и ќе се вратат на греење со дрва што е еден од најголемите загадувачи на воздухот и беше основ за субвенционирање на граѓаните да преминат на затоплување на пелети како помалку загадувачка опција.

    Доколку, предлог на владата за зголемување на ДДВ-то на 18% на пелетите и на камините и котлите на пелети помине на Собранието и почне да се применува уште летово, секој граѓанин кој затоплува куќа од 100 квадратни метри ќе треба да издвои дополнително по 117 евра за купување пелети. Цената ќе биде повисока во септември кога и вообичаено пелетите достигнуваат повисока цена поради побарувачката пред грејната сезона. Просечно за загревање на оваа површина на куќа се потребни 2 тони. Пресметката е направена по сегашната цена на тон пелети од бука и бор на еден домашен производител која изнесува 18.330 денари без ДДВ или речиси 300 евра.

    Моментално топловоден камин на пелети може да се најде по цена од 71.900 до 174.500 денари зависно од начинот на чистење, а по зголемувањето на ДДВ-то на 18% овие камини ќе бидат далеку поскапи.

    Граѓаните, посебно од деловите на земјава, каде што нема колективно парно се револтирани што ќе имаат уште едно поскапување.

    – Што ќе ми преостане по оваа одлука на владата – да се вратам на греење на дрва. Лани цената на пелетите скокна застрашувачки поради енергетската криза, а годинава цената не падна и во летниот период. Што да очекуваме од есен кога заедно со повисокото ДДВ ќе дојде и повисоката цена на пелетите. А што да кажат оние кои сега планирале да купат печка на пелети. За нив е најдобро да се премислат – вели Маријан А. од Тетово.

    Професорот Ристо Цицонков вели дека владата не обезбедила услови за поеколошко затоплување на граѓаните за да може да размислува за зголемување на ДДВ за пелетите, котлите и камините на пелети за кои неколку години дава субвенции за да го намали затоплувањето на дрва како голем загадувач на животната средина.

    – Ова што сега го прави владата е контрапродуктивно во однос на економичноста и еколошки чистото гориво кое е добро за животната средина. Ако имаше обезбедено услови за инсталирање на централно греење, затоплување на гас и за најдобрата варијанта топлинските пумпи тогаш потегот би бил добар за промена на начинот на греење кај домаќинствата кои повеќе загадуваат. Пелетите помалку загадуваат од затоплувањето на дрва. Но, ние немаме услови за замена на овој начин на затоплување бидејќи централно греење нема освен во Скопје, не е воведен гас до секое домаќинство, субвенциите за топлински пумпи се воведуваат ад хок, а граѓаните во најголем дел се сиромашни и не можат да инвестираат во нив. Сега можеме да очекуваме поради поскапите пелети домаќинствата да се вратат на печките на дрво – вели Цицонков.

    Според него, иднината на затоплувањето е во топлинските пумпи.

    – Европската Унија од 2025 година го отфрла гасот како енергенс за затоплување, но затоа вложува во обновливи извори на енергија која ќе се користи и за затоплување. Топлинските пумпи трошат 4 до 5 пати помалку струја од печките на струја што ги користат дел од граѓаните. Затоа сметам дека иднината е во воведувањето на топлинските пумпи за загревање, но владата ќе мора да обезбеди отворен оглас за субвенционирање на нивното воведување, бидејќи не секое домаќинство во земјава може да премине на овој вид затоплување. Дополнително ќе треба да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори и да се намали увозната зависност – додава тој.

    Владите во изминатите години заклучно и годинава, даваа субвенции за купување печки на пелети, а субвенционираа и општините. Но овие субвенции како и оние за инсталирање инвертер уреди беа ограничувани на одреден број, зависно од износот на парите кои беа наменети за тоа. Се субвенционираше по 500 евра за домаќинство кое ќе набави камин на пелети. Се проценува дека околу 50.000 домаќинства во изминатиот период преминале од дрво на греење со пелети.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img